Курти е оптимист за постигнување конечен договор со Србија

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е оптимист за постигнување правно обврзувачки договор со Србија, односно се надева дека тој ќе биде постигнат во следните неколку месеци. На семинарот Роуз-Рот на Парламентарното собрание на НАТО во Приштина, Курти оцени дека има нов пристап во дијалогот со Србија и дека се споменува и општата рамка на договорот. Според него, „дијалогот не треба да служи само за управување со кризи“, туку тој треба да се води со цел да се постигне договор. „Влеговме во нова фаза (на дијалог), од 18 август оваа година. Тоа е нова фаза бидејќи првата тема во канцеларијата на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел во Брисел беше општата рамка на договорот“, рече Курти, додавајќи дека сега е пооптимист бидејќи смета дека прашањето за меѓусебното признавање веќе не е на крајот, туку во центарот на процесот.

Вучиќ: На маса е предлог Србија да дозволи влез на Косово во ОН во замена за брзо членство во ЕУ

Курти не ја исклучи можноста да разговара и за други теми, но повтори дека фокусот сепак треба да биде врз „взаемно признавање“. Од 2011 година Косово и Србија водат дијалог за нормализација на односите, со посредство на Европската унија. За Косово, целосната нормализација е договор кој треба да вклучува меѓусебно признавање, додека Србија го отфрла и инсистира на „компромисно решение“. Курти во својот говор на тема „Евроатлантска интеграција на Западен Балкан“ оцени дека земјите од регионот се уште се „ранливи“ кога станува збор за стабилноста и безбедноста. Но, тој подвлече дека Косово има јасна политика, односно дека е посветено на евроатлантските интеграции и дека Владата на Косово ја усогласила својата политика со НАТО и Европската Унија. Четири земји членки на НАТО не ја признаваат независноста на Косово, Грција, Романија, Словачка и Шпанија.