Пронајдени седум тела на мигранти по бродоломот кај грчкиот остров Китира

Хоспитализиран мигрант по бродолом во близина на грчкиот остров Лезбос, Грција, 6 октомври 2022 година

Во спасувачката акција на грчката крајбрежна служба во близина на островот Китира, пронајдени се безживотните тела на седум лица, по несреќата во средата вечерта, кога потона чамец со околу 95 мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека кај Китира, островот што се наоѓа јужно од Пелопонез, вчера биле извлечени безживотните тела на четири мажи и две жени, а во акцијата што трае неколку дена, спасени се вкупно 80 лица, 55 мажи, седум жени и 18 деца.

Денеска било пронајдено телото на уште едно лице, а потрагата продолжува.

Несреќата се случи доцна вечерта во средата кога едрилица со мигранти удрила во карпа и преку бројот за итни случаи 112 била побарана помош.

Неколку часа подоцна, имаше бродолом и кај Лезбос, островот во северниот дел на Егејското Море и во близина на турското крајбрежје и беа спасени 28 лица, а загинаа 18 миграни (16 жени, едно дете и еден маж).