Најмалку 13 луѓе се убиени во текот на ноќта во украинскиот град Запорожје во напад од страна на руските сили, соопшти висок функционер од овој град.Претходно властите соопштија дека бројот на убиени е 17, но потоа го ревидираа бројот на жртви. Официјалните лица велат дека при нападот се повредени 87 лица, меѓу кои 10 деца.
Секретарот на градскиот совет на Запорожје, Анатолиј Куртев, на 9 октомври изјави дека пет домови биле уништени, а околу 40 биле оштетени во нападот врз градот.
Градот Запорожје е под контрола на Украина, а регионот Запорожје е еден од четирите украински региони што Русија ги анектираше минатата недела со кршење на меѓународното право.
На сликите објавени на социјалните мрежи од украинските воени власти во регионот Запорожје може да се видат оштетени станбени згради во регионалниот главен град.
Во Запорожје, имаше силни напади и на 6 октомври, при што загинаа 11 лица, а контролата врз блиската нуклеарна централа Зопорожје на територијата што ја контролира Русија неодамна ја зазеде Москва.
Нападите во Запорожје доаѓаат по вчерашниот напад на клучниот мост кон Кримскиот Полуостров, кој беше изграден од Русија по заземањето на украинскиот полуостров во 2014 година и беше симбол на руската контрола врз регионот.
По нападот на мостот, Москва направи промени во командата на своите сили во Украина. На 8 октомври, руското Министерство за одбрана го именуваше генералот Сергеј Суровикин за нов командант на руските сили во Украина.
Во изминатите недели руските сили претрпеа територијални загуби во областите на источна и јужна Украина, кои беа окупирани непосредно по руската инвазија во февруари.
Украинските сили продолжија да бележат придобивки во повеќенеделната контраофанзива на југ и исток, што доведе до повлекување на руските сили во многу области. Украина соопшти дека ослободила повеќе од 770 квадратни километри територија, некогаш окупирана од руските сили.