Јубилејниот Монтенегро Прајд во Подгорица без инциденти

Pride Podgorica october 8. 2022. Montenegro Photo: Aleksandar Ljumovic

Без инциденти помина јубилејниот 10-ти Монтенегро Прајд во Подгорица на 8 октомври.

Неколку стотици учесници, припадници на ЛГБТ популацијата и поддржувачи на правата на сексуалните малцинства, прошетаа низ улиците на Подгорица, со знамиња и транспаренти.

Полициското одделение го обезбедуваше целиот собир со помош на дрон за снимање на настанот. Сите улици кои водат кон центарот на Подгорица беа затворени за сообраќај.

Поворката се движеше од централниот Плоштад на независноста ни улиците на Подгорица, па повторно до Плоштадот.

Видете и ова: Под силно полициско обезбедување и помали инциденти се одржа „Европрајд“ во Белград

Обраќајќи им се на насобраните организаторите на Прајдот истакнаа дека се уште се шири омразата кон ЛГБТ луѓето.

„Ние сме луѓе од крв и месо, отфрлени сме и газени поради љубов. Ги поттикнуваат нашите сограѓани да не мразат. Смрт на фашизмот, смрт на верскиот екстремизам“, рече Сташа Баштрица од Квир Црна Гора.

Владата на Црна Гора на Прајдот ја претставуваа министрите за човекови и малцински права Фатмир Ѓека, за просторно планирање Ана Новаковиќ Ѓуровиќ и за економија Горан Ѓуровиќ.

На настанот имаше и дипломати, пратеници, активисти на невладини организации, градоначалникот на Подгорица Иван Вуковиќ и најдобрата црногорска тенисерка Данка Ковиниќ.

Ден пред Прајдот, на 7 октомври, Српската православна црква во Црна Гора одржа верски собир на кој луѓе се молеа за „светоста на бракот и зачувување на семејството“ во знак на протест против одржувањето на Прајдот.

Српската православна црква во Црна Гора одржа верски собир во знак на протест против одржувањето на Прајдот.


Првата парада на гордоста во Црна Гора, со жестоки немири и насилство во кои имаше и повредени, се одржа на 24 јули 2013 година во Будва. А на втората парада во октомври истата година во Подгорица имаше и нереди, причинета е значителна материјална штета. Во следните години поворките минуваа мирно.

Собранието на Црна Гора го усвои Законот за животно партнерство во јули 2020 година, а тој стапи на сила на 15 јули 2021 година.