Иранските власти наводно пукале кон демонстрантите

архивска фотографија - Протести во Иран на 2 октомври.

Повеќе протести на различни локации и насилно задушување од страна на властите има денеска во Иран. Демонстрантите, лути поради смртта на една млада жена додека беше во притвор поради прекршување на кодексот за облекување, продолжија со протестите, и покрај предупредувањата на властите за строги казни. Протестите траат веќе четврта недела.

Има извештаи и за штрајк на работници во некои области со големо курдско население, каде што јавното негодување беше најсилно кога се рашири веста за смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина три дена откако беше приведена во Техеран од страна на моралната полиција.

Организацијата Човекови права Иран, со седиште во Осло, соопшти дека најмалку 92 демонстранти биле убиени од страна на безбедносните сили, додека други организации велат дека има најмалку 160 убиени, стотици ранети и илјадници уапсени.

Организацијата со седиште во Норвешка, која ги следи злоупотребите во доминантно курдскиот северозападен Иран, соопшти дека иранската полиција денеска пукала кон луѓето во најмалку два града - Санандаџ и Сакез, на протестите кои траат веќе четврта недела. Полицијата исто така користела солзавец.

На видео-снимки на социјалните мрежи се гледаат млади жени и девојки кои скандираат „Жена, живот, слобода“ во училиште во родниот град на Амини, Сакез, во провинцијата Курдистан.

Други мавтаат со задолжителните исламски шамии, што е храбар предизвик на строгите закони за хиџаб во земјата.

На надвозник во центарот на Техеран осамна транспарент на кој пишува „Веќе не се плашиме, ќе се бориме“, потврди АФП.

Протерувањата, цензурата и прекинатите комуникации го отежнуваат известувањето од Иран.

Очевидци велат дека 22-годишната Амини биле тепана за време на апсењето, а нејзиниот татко рече дека имала модрици на нозете и ја смета полицијата за одговорна за нејзината смрт.

Иранската форензичка медицинска организација утврдила дека „основните болести“ биле причина за смртта на младата жена, притоа не споменувајќи дали имала некакви повреди. Државната телевизија објави дека форензичкиот извештај покажал дека смртта на Амини е поврзана со „операцијата на тумор на мозокот што ја имала на 8-годишна возраст“.

Протестите во Иран почнаа брзо откако властите негираа дека моралната полиција е одговорна за нејзината смрт уште пред да биде спроведена истрага. Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи сугерираше дека зад протестите стојат странски елементи.