Ковачевски: Бектеши ќе каже како помина средбата со компанијата за гас

Средба на премиерот Димитар Ковачевски и владиниот тим со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и неговиот тим, на којашто се разговараше за справувањето со енергетската криза, 4 октомври 2022

До вечер ќе бидат финализирани мерките за најранливите категории граѓани и најверојатно до понеделник ќе се најават, рече на 8 октомври премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања.

Мерките се за ублажување на последиците од енергетската криза и високите цени на основните прехранбени производи.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска вчера изјава дека се разгледува опцијата дали ќе бидат делени ваучери или средствата за поддршка ќе бидат уплатени на сметките на граѓаните или пак ќе има ваучери за купување на домашни производи.

Државниот завод за статистика објави дека трошоците на животот во септември годинава во однос на септември лани се зголемени за 18,7, а цените на мало за 14,7 проценти.

Пакетот мерки, пак, за помош на стопанството, би требало да биде финализиран до крајот на овој месец, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот денеска рече дека ова е време на солидарност, кога мора сите да помогнат за полесно пребродување на кризата.

Ковачевски уште еднаш кажа дека парно за Скопјани ќе има, а ако енормно се зголеми цената гасот, тогаш државата е подготвена, како што рече, со алтернативно гориво да ги загрева домовите на граѓаните.

Премиерот вели дека министерот за економија Крешник Бектеши ќе соопшти што е разговарано на средбата со компанијата за природен гас која беше посочена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и економскиот тим на партијата на средба со премиерот во Владата на 4 октомври понуди свои контакти за снабдување со енергенси.

Ковачевски рече дека е веќе информиран за исходот, но, како што нагласи, етички е Бектеши да ги каже деталите зашто тој присуствувал и ја предводел македонската делегација на средбата.