Османи: Јас сум мисионер, а не функционер

Архивска фотографија - Али Ахмети и Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи не се чувствува загрозен за неговата функција како министер во Владата. Тој вели дека е мисионер, а не функционер.

Министерот на 8 октомври на редовен брифинг со новинарите зборуваше и за реформите во ДУИ, чиј член е тој и за очекувањата од престојниот состанок на Генералниот совет.

„Јас сум професионален политичар којшто кариерата не ја имам само во Владата. Кога не сум бил во Владата сум бил во партијата, така да, јас сум мисионер, не сум функционер. И овие платформи ми се само начини на изразување на мојата мисија. Дали тоа ќе го правам како портпарол, како министер, како функционер, всушност е една идеја и всушност ние работиме за идејата“, вели Османи.

Членови на ДУИ на 24 септември писмено побара реформи во партијата и смена на вицепремиерот Артан Груби. По средбата со нив, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на 4 октомври најави дека на 15-ти октомври ќе се одржи Централно собрание каде што ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство, кое ќе ги избере и другите органи.

Владиниот состав на ДУИ ќе има отчет пред овој орган, рече Ахмети.

Османи рече дека формирањето на партиските тела било пролонгирано поради ковид пандемијата.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека во моментов нема никаква најава за какви било промени во владиниот состав, одговорајќи на новинарско прашање дали очекува промени во владината структура по најавите на ДУИ за внатрепартиско реформирање.