Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција на 8 октомври рече дека Србија ќе остане на ставот да не воведува санкции кон Русија.
„Ќе го задржиме ставот до моментот додека штетата што ѝ е нанесена на Србија не биде толку поголема што ќе мора да прифатиме друга реалност. Можеби идната влада ќе донесе поинаква одлука“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател повтори дека ќе постапува и ќе управува согласно интересите на Србија.
„Ова не го правиме само затоа што имаме корист од цената на гасот или затоа што (Русија) ќе не поддржи во Советот за безбедност на ОН, тоа го правиме поради почитување на меѓународното јавно право и за самопочит, затоа што знаеме што ни направија санкциите, рече Вучиќ.
Србија се усогласи со декларациите на ЕУ и резолуциите на ОН кои ја осудуваат руската инвазија на Украина, но официјален Белград одбива да воведе санкции кон Русија.
Во денешното обраќање до јавноста, говорејќи за енергетската криза, Вучиќ најави дека Србија, меѓудругото, планира изградба и на нафтовод низ Севрна Македонија до пристаништето Драч, како и гасно поврзување со земјава.
Образложувајќи ја актуелната енергетска криза во светот, Вучиќ кажа дека по последните настани околу санкциите на ЕУ кон Русија, со кои Хрватска се покажала како непоуздан партнер за нафтоводот Јанаф, кој е единствениот нафтовод со кој Србија се снабдува со нафта, Белград донел решение за почеток на изградба на нафтовод кон Унгарија, а во план е изградба и на нафтовод со „пријателите од Отворен Балкан“.
Гасно поврзување со Северна Македонија, што, како што кажа, веќе е влезено во плановите на ЕУ за финансирање.
Како што кажа Вучиќ, Србија има резерви на нафта за 75 дена, на бензин 59 дена и полни капацитети на гасни резерви.
Тој кажа и дека наредил се што произведуваат фабриките во Србија, 20 отсто мора да остане во Србија и за вооружените сили, како и дека ќе се вложат уште 12 милијарди во инфраструктурата.