Вучиќ: На маса е предлог Србија да дозволи влез на Косово во ОН во замена за брзо членство во ЕУ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ пристигнува на состанок на Европската политичка заедница во Прага, Чешка, 6 октомври 2022 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 8 октомври изјави дека Франција и Германија предложиле Србија да дозволи Косово да се приклучи кон меѓународните институции и организации, вклучително и Обединетите нации (ОН) во замена за брзото членство на Србија во Европската унија (ЕУ).

„Суштината е во тоа Србија да дозволи влез на Косово во сите меѓународни институции и организации, вклучително и ОН. За тоа Србија би добила брз влез во ЕУ и веројатно значителни економски придобивки“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.

Како што рече, тоа е неприфатливо за Србија.

„За Србија, поради Уставот, но не само поради Уставот, неприфатливо е Косово да биде членка на ОН и тоа си носи свои последици“, рече Вучиќ.

Тој вели дека за најголема грешка го смета тоа што Србија прифатила ЕУ да почне да управува со процесот за решавање на конечниот статус на Косово.

„Оттогаш, без разлика на потпишаниот бриселски договор, не можеме да го ставиме на дневен ред формирањето на Заедницата на српските општини“, рече Вучиќ.

Вучиќ вели дека позицијата на Србија во однос на Косово станува се покомплицирана. Прво затоа што западните земји ќе се обидат да го решат проблемот на Косово на еден или друг начин со влез на Косово во ОН и затоа што мислат дека на тој начин ги решаваат внатреевропските работи. Втората причина, како што наведе, е обидот на Западот да го одземе аргументот за Косово од Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.

Косово прогласи независност во 2008 година.

Официјални лица во Србија сè уште одбиваат да го признаат Косово како независна држава и го блокираат неговото членство во меѓународните организации, во што најголема поддршка добиваат од Русија и Кина.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг во советодавното мислење изјави дека Декларацијата за независност на Косово во 2008 година не го прекршува меѓународното право.

Дијалогот меѓу Косово и Србија на високо политичко ниво, предводен од Курти и Вучиќ, последен пат се одржа во Брисел на 18 август.

Двете страни водат разговори од 2011 година со посредство на ЕУ со цел целосно нормализирање на односите.