Издадени 358 дозволи за привремен престој на украински бегалци во РСМ

Илустрација

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека од кога почнала руската инвазија во Украина на 24 февруари на територијата на земјата влегле 21.106 украински државјани, а на излез поминале 15.539 украински државјани.

„Тоа покажува дека овие државјани биле овде на територијата и најголем дел се вратиле, затоа што ги донеле своите семејства. Притоа, најголем дел од овие луѓе се дојдени на ниво на пријателски, роднински и бизнис врски, затоа што работеле во одредени компании”, истакна министерот Спасовски во интервју за Макфакс.

Според него, 4.130 лица се под 16-годишна возраст, а 664 се лица над 70-годишна возраст.

„Во истиот период, од почетокот на кризата до денес имаме издадено 358 дозволи за привремен престој поради хуманитарни причини. Тоа не е туристички престој, како што се шпекулираше во јавноста, односно дека на тој начин државата не била подготвена. Напротив, оние лица кои побарале привремен престој од хуманитарни причини, а такви се 358, го добиле тој статус, додека немаме лица кои побарале азил на територија на РСМ”, информираше министерот Спасовски.

Тој посочи дека има и други државјани, вклучително и руски, кои побарале заштита на територијата на РСМ од повеќе причини. Спасовски рече и дека 562 руски државјани влегле на територија на РСМ, а околу 512 ја напуштиле „што значи дека тие транзитираат низ државата“.