Од Сојузот на синдикати на Македонија- ССМ соопштија денеска дека синдикалната минимална кошница за септември изнесува 50.224 денари или 816 евра.
„Владата и работодавачите го честитаа 07 октомври, Меѓународниот ден за пристојна работа со непристојни плати и непристојна работа, со сиромашни работници и граѓани кои веќе не можат да си ги дозволат основните потреби за егзистенција. Поради се поевидентното зголемувањето на цените, имаме тренд на осиромашување на работниците и граѓаните и итно е потребно зголемување на платите со кој ние работниците без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница“, се вели во денешното соопштение од ССМ.
Синдикалната кошница претставува минималната сума која му е потребна на едно четиричлено семејство кое живее во дом од 50 квадратни метри и не поседува автомобил. Според ССМ, работниците едвај преживуваат и го чувствуваат на сопствена кожа најголемото зголемување на трошоците за живот од 18.7 отсто.
„Тоа што им е потребно на работниците е едноставно, поголеми пристојни плати и пристојни услови за работа. Не може да се справувате со зголемените трошоци за живот без зголемување на платите на работниците, поради тоа ССМ инсистира платите во државата да го следат порастот на инфлацијата од 18,7 проценти, но и порастот на синдикалната кошница која ја изработува ССМ“, велат оттаму.
Владата најави дека наредната недела ќе излезе со конкретни таргетирани мерки насочени кон најранливи категории граѓани и компаниите.