Коцарев: Мала е веројатноста нашата држава да стане членка на ЕУ во следните 30 години

Претседателот на Македонската академија на наука и уметностите- МАНУ, академикот Љупчо Коцарев.

Претседателот на Македонската академија на наука и уметностите- МАНУ, академикот Љупчо Коцарев денеска порача дека „треба да се соочиме со реалноста дека веројатноста нашата држава да стане рамноправна членка на Европската Унија во следните 30 години, е многу мала“.

По повод Денот на Академијата, тој како причини за неговиот став, ги наведе бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот, како и правото на вето кое го користат некои земји членки.

„Со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава Македонија, како и врз Македонците во соседните држави, но и насекаде каде што живеат и опстојуваат како народ, рече Коцарев.

Тој напомена дека во време кога не очекува висока инфлација, висока задолженост на приватниот и јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза, потребна е Стратегија за национален развој и договор за економски реформи, политики и мерки, кои треба да се спроведуваат во следните најмалку 20-тина години.

Коцарев информираше дека МАНУ во наредната година, во соработка со сите други општествени фактори, ќе пристапи кон изработка на Националната стратегија за развој на Македонија во следните 20 години.

По повод денот на Академијата на академиците Павол Жиго и Каролин Снајвели им беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески“.