СДСМ не поддржува отворање на клубови на ниту еден поддржувач и извршител на Третиот Рајх

Протест против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Протест против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Пратеникот од редовите на СДСМ, Ненад Коциќ на прес-конференција во Собранието во врска со отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид изјави дека не поддржуваат отворање на клубови на ниту еден поддржувач и извршител на Третиот Рајх.

„СДСМ осудува провокации од каков било вид. Оваа земја почива на херојството на нашите предци и делата на македонската антифашистичка борба. За нас, значењето на антифашистичката борба е исклучителна, државничка и безвременска. Затоа, наша обврска е институционално да најдеме решение да ги затвориме овие прашања кои свесни сме дека иритираат, но уверени сме дека се спорадични и предизвикани од нечиј трет интерес. Бидејќи постојат поединци и партии кои сакаат нашите две држави да останат во вечен конфликт, кои нема да донесат ништо добро. Факт е дека нашите закони во овој дел имаат одредени недоречености за што се потребни законски промени“, рече Коциќ.

Тој посочи и дека пратениците од СДСМ повикуваат да се разгледа преку широка јавна дебата новиот закон за здруженија и фондации со цел да се дојде до решение преку инклузивен процес. Законот, според Коциќ, ќе биде во интерес на заштита на македонскиот идентитет, јазик и култура во иднина.

Коциќ посочи и дека СДСМ секогаш била на вистинската страна на историјата, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ е партија „чиј претседател кажа дека македонскиот и бугарскиот народ се ист народ, трајно ги нагриза нашите позиции и го загрози идентитетот“.

Во Охрид денеска се отвори вториот бугарски клуб во земјава кој го носи името „Цар Борис Трети“. Левица организираше протест пред клубот, кој беше поддржан и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од Министерството за правда најавија дека Законот за здруженија и фондации ќе биде објавен на ЕНЕР до крајот на октомври.