Европската комисија ја потврди препораката за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово. Тие оценија дека препораката која датира од 2018 година останува „целосно валидна“. Тоа е клучен документ кој ќе биде основа за донесување одлука за визна либерализација за Косово на ниво на земјите членки на Европската унија (ЕУ). Според документот што го виде Радио Слободна Европа (РСЕ), Косово воспостави силна правна и оперативна рамка за борба против корупцијата, организираниот криминал и справување со миграциските и безбедносните ризици. Законодавните процедури кои би довеле до одлука за укинување на визниот режим формално започнуваат на 13 октомври, кога работната група за визи ќе ја започне првата расправа за ова прашање.
ЕП: Погрешна е одлуката на Франција да го блокира укинувањето визи за Косово
Во 2012 година Косово доби Патоказ за визна либерализација. Тогаш, во 2018 година, Европската комисија потврди дека земјата ги исполнила сите критериуми за укинување на визниот режим. Европскиот парламент, една од двете институции кои одлучуваат за ова, во неколку наврати гласаше за визна либерализација за Косово. Прашањето со години наиде на ќорсокак на политичко ниво, односно во Советот на министри на ЕУ, кој ја носи конечната одлука, поради недоволната политичка волја за продолжување на процесот. Косово е единствената земја на Западен Балкан чии граѓани не уживаат слобода на движење во Шенген зоната. Србија, Црна Гора и Северна Македонија имаат визна либерализација од декември 2009 година, а Босна и Херцеговина и Албанија ја добија една година подоцна, во декември 2010 година.