Во Охрид се отвора бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ - реакции и протести

Клуб Цар Борис Трети во Охрид

Во Охрид се отвора вториот бугарски клуб во земјава кој го носи името „Цар Борис Трети“. Пред тоа, пак, Левица ќе организира протест, кој е поддржан и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ е формирано лани во ноември, а на 7 октомври отвора свој клуб, сместен на првиот кат во трговскиот центар Амам во Охрид.

РСЕ пренесува во живо од протестот пред клубот во Охрид


Освен полиците со бугарски книги, во просторот од 25 квадрати има и навивачки шал и дрес, фотографии од дејците на ВМРО, икони од Свети Климент и Наум, за кои има препораки од историската комисија за заедничко чествување.

На ѕидот пак висат големи врамени фотографии од Фердинанд Први, кој владеел од крајот на 19 до крајот на Првата светска војна и е прогласен на Цар на Бугарите. Потоа слика од Цар Борис Трети, кој владеел до 1943 и од неговиот син Симеон Саксобурговски, кој се уште е жив.

Клуб Цар Борис Трети во Охрид


Левица повика на протест пред клубот, поради, како што велат, „отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“. На масовност на протестот повика и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Клубот го носи името на бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со нацистичка Германија и фашистичка Италија.


Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во изјава за медиумите денеска од Охрид порача дека ова е „неприфатлив историски ревизионизам и повеќе од сериозна провокација“.

Министерството за надворешни работи на Македонија пред отворањето на клубот и повиците за протест против него, апелираше до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став.

Клуб Цар Борис Трети во Охрид

Министерството ги замолува сите чинители да се воздржат од обиди за злоупотреба на своите права и слободи, особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите.

Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април годинава, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

Пред три дена се конституираше советодавното тело што треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи.

Претходно, министерот за правда Никола Тупанчевски на прашањето дали ќе се дозволи да се отвори клубот во Охрид без став од советодавното тело, рече дека најавите се такви, но како Министерство немаат никакви ингеренции, бидејќи тоа е владина комисија.