Белорускиот активист за човекови права Алес Бјалијатски, руската организација за човекови права Меморијал и украинската организација за човекови права Центар за граѓански слободи денеска ја добија Нобеловата награда за мир за 2022 година. „Луреатите на наградата за мир го претставуваат граѓанското општество во нивните земји. Тие направија извонредни напори да ги документираат воените злосторства, злоупотребата на човековите права и злоупотребата на власта. Заедно тие го демонстрираат значењето на граѓанското општество за мирот и демократијата“, се наведува во образложението на наградата која беше соопштена во Осло.
Французинката Ани Ерно добитничка на Нобеловата награда за литература
60-годишниот Бјалијатски, кој ја основа групата за права на „Вјасна“ (Пролет) во Белорусија, моментално е во затвор поради обвиненијата за затајување данок што неговите поддржувачи ги отфрлија, велејќи дека се политички мотивирани. Рускиот Врховен суд минатиот декември го затвори Меморијал, една од најпочитуваните организации за човекови права во земјата, велејќи дека групата го прекршила контроверзниот закон за „странски агенти“. Оттогаш Меморијал создаде нова група, Меморијал, Центар за одбрана на човековите права која работи без статус на правно лице. Центарот за граѓански слободи со седиште во Киев, основан во 2007 година, работеше на зајакнување на граѓанското општество во Украина, а истовремено се залагаше за унапредување на владеењето на правото и почитувањето на меѓународното право.