Европскиот совет денеска соопшти дека Ерменија и Азербејџан се договориле за цивилна мисија на ЕУ покрај нивната меѓусебна граница, каде во неодамнешните борби меѓу двете поранешни советски држави загинаа повеќе од 200 луѓе. Исто така, се вели дека следниот состанок на комисијата за разграничување на границите ќе се одржи во Брисел до крајот на октомври. Договорот беше постигнат откако азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, ерменскиот премиер Никол Пашинјан, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се сретнаа вчера во Прага на маргините на првиот собир на Европската политичка заедница.
Ерменија вели дека Азербејџан го прекршил договорот за прекин на огнот
„Ерменија и Азербејџан ја потврдија својата посветеност на Повелбата на Обединетите нации и Декларацијата на Алма Ата од 1991 година, преку која и двете си го признаваат територијалниот интегритет и суверенитет“, се вели во соопштението на Европскиот совет. Цивилната мисија на Европската унија ќе започне во октомври. „Целта на оваа мисија е да изгради доверба и преку своите извештаи да придонесе за граничните комисии“, соопшти Советот. Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан е поврзан со децениските непријателства околу контролата на регионот Нагорно-Карабах, меѓународно признат како дел од Азербејџан, но до 2020 година во голема мера е контролиран од мнозинското етничко ерменско население.