Лидерите на Европската унија и соседите од Велика Британија до Турција се состанаа во Прага за да разговараат за безбедносната и енергетска вонредна состојба што ги мачат сите од почетокот на руската инвазија на Украина, на симболичен самит што ја нагласи изолацијата на Москва.
Собирот во Прага беше инаугуративен состанок на Европската политичка заедница (ЕПЗ), замисла на францускиот претседател Емануел Макрон, со која на еднаква основа се собраа 27-те земји-членки на ЕУ и 17 други европски земји.
Некои од земјите чекаат да се приклучат на блокот, додека друга, Британија, е единствената што некогаш го напуштила. Данската премиерка Мете Фредериксен не допатува поради клучната парламентарна дебата во нејзината земја, со што бројот на лидери се намали на 43 од првично предвидените 44.
„Овој состанок е начин да се пронајде нов поредок без Русија“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, додавајќи дека Москва можеби нема да биде секогаш исклучена, но засега „нема место“ за Русија на претседателот Владимир Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, обраќајќи се на состанокот преку видео врска, ги повика лидерите да ја претворат новата политичка заедница во „европска заедница на мирот“.
„Денес нека биде почетна точка. Точката од која Европа и целиот слободен свет ќе се движат кон загарантиран мир за сите нас. Можно е“, рече тој, повикувајќи ги лидерите „да ги насочат сите можни сили на Европа да завршат војната“ во Украина.
Посебно внимание во Прага беше посветено на британската премиерка Лиз Трус, која се приклучи на сцената со лидерите на ЕУ.
По средбата со домаќинот на самитот, чешкиот премиер Петр Фиала, Трус ја истакна нивната „силна согласност за важноста на истомислениците од европски демократии да претставуваат обединет фронт против бруталноста на Путин“.
На форумот учествуваат лидерите на 43 држави од земјите членки на ЕУ, земјите од Западен Балкан, заедно со Швајцарија, Норвешка, Исланд, Азербејџан, Грузија, Турција и Украина.
Идејата за Европската политичка заедница првпат беше изнесена во мај годинава од францускиот претседател Макрон. Набргу по него, оваа иницијатива ја поддржаа претседателот на Европскиот Совет, Мишел, како и како и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Само неколку месеци по раѓањето на идејата, Европската политичка заедница стана реалност.