Шведската безбедносна полиција и обвинителство соопштија дека прелиминарната истрага за истекувањата од двата руски гасоводи во Балтичкото Море ги зајакнала сомнежите за саботажа.
Истрагата потврдила дека „детонациите“ предизвикале „голема штета“ на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ минатата недела. Службите не дадоа детали за истрагата, но во посебна изјава на шведскиот обвинител кој ја водеше, се вели дека „направени се заплени на местото на злосторството и тие сега ќе бидат истражени“.
Обвинителот Матс Љунгквист не ги идентификуваше запленетите докази, но рече дека дал „директиви привремено да се блокира [областа] и да се спроведе истрага на местото на злосторството“.
Владите на Данска и Шведска претходно соопштија дека се сомневаат дека неколку стотици килограми експлозив биле вклучени во извршување на намерен чин на саботажа.
ЕУ и НАТО, исто така, ги нарекоа експлозиите „саботажа“, при што некои претставници на ЕУ ја обвинија Русија дека стои зад нападот. Кремљ негираше каква било вмешаност и го впери прстот кон САД, обвинение што Вашингтон веднаш го отфрли.
Протекувањето на четири места долж цевководите во шведските и данските економски зони во Балтичкото Море траеше околу една недела, испуштајќи огромни количества метан во воздухот.
Гасоводите кои беа изградени за носење руски природен гас до Германија од страна на Газпром - гигантот за природен гас контролиран од Кремљ, биле полни со руски гас во моментот на експлозиите, но не биле оперативни поради последиците од војната во Украина и тензиите со Русија.
Русија претходно годинава го намали извозот преку Северен тек 1, тврдејќи дека западните санкции за опремата и услугите ја нарушуваат нејзината способност да го одржува гасоводот. Поновиот гасовод пак, Северен тек 2, никогаш не беше пуштен во употреба.
Операторите на „Северен тек“, со седиште во Швајцарија, рекоа оваа недела дека не можат да ги проверат оштетените делови поради ограничувањата наметнати од данските и шведските власти кои ја опколија областа.
Во соопштението на шведската Обвинителска управа се вели дека областа каде што истекува гас повеќе не е затворена.
Русија денеска соопшти дека била информирана преку дипломатски канали дека не е во можност да се вклучи во истрагата.
„Засега нема планови да се бара од руската страна да се вклучи во истрагите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за новинарите, додавајќи дека Москва одговорила дека не е можно да се спроведе објективна истрага без нејзино учество.
Шведскиот министер за правда рече дека не е можно на други да им се дозволува да учествуваат во шведската кривична истрага.
Министерот за надворешни работи на Данска, Џепе Кофод, денеска изјави за Ројтерс дека неговото министерство не ѝ кажало на Русија да остане надвор од истрагата, туку дека за истрагата е задолжена работна група предводена од полицијата меѓу Данска, Шведска и Германија.