Русија поднесе прелиминарен приговор за случајот за геноцид што Украина го покрена против Русија, соопшти денеска Меѓународниот суд на правдата (МСП).
Највисокиот суд на ОН на Твитер објави дека пред три дена го примил приговорот, чија содржина не е објавена јавно.
Москва во писмото до судот претходно годинава тврдеше дека судот, кој е највисокиот во ОН за спорови меѓу државите, нема јурисдикција бидејќи Конвенцијата за геноцид не ја регулира употребата на сила меѓу државите.
Страните можат да поднесат прелиминарни приговори до МСП ако сметаат дека судот нема надлежност.
Украина го поднесе случајот набргу по почетокот на руската инвазија на 24 февруари, велејќи дека е неосновано наведеното оправдување на Москва за инвазијата, дека дејствува за да спречи геноцид во источна Украина.
За време на сослушувањата во март, Украина рече дека нема закана од геноцид во источна Украина и дека Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година, која ја потпишаа двете земји, не дозволува инвазија за да се спречи инвазија.
Судиите на МСП последователно и наредија на Русија да ја запре инвазијата како итна мерка додека ја разгледуваше основаноста на тврдењето на Украина.
Кремљ ја отфрли таа наредба, велејќи дека двете страни морале да се согласат да ги прекинат непријателствата за да се спроведе пресудата.
Следен чекор во случајот ќе биде расправа по приговорот против надлежноста на судот, за што се уште нема одредено датум.
МСП со седиште во Хаг ги решава правните жалби поднесени од државите поради наводно прекршување на меѓународното право. Тоа е врховна судска институција на Обединетите нации.