Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за новинарите дека не се плаши од „оние кои и се закануваат на Србија дека не воведува санкции кон Русија и дека неговиот одговор до европските лидери ќе биде љубезен, одговорен, сериозен и далекусежен“.
Вучиќ овие тврдења ги изнесе во пресрет на самитот во Прага, на првиот состанок на Европската политичка заедница.
Претставници на Европската унија најавија дека прашањето за то што не се воведуваат санкции против Русија од страна на официјален Белград ќе го покренат неколку земји учеснички на самитот за кои ова прашање е „од национално значење“.
Српскиот претседател посочи дека Хрватска е одговорна што Србија овојпат не е изземена од санкциите за увоз на сурова нафта од Србија.
„Хрватска си ја работи својата работа што ја работи со децении, наше е да најдеме одговор на тоа“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија рече дека одамна е познато оти ЕУ ќе воведе ваков вид санкции, но дека официјален Белград побарал отстапување на овие санкции за Западен Балкан.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, пак му порача на Белград дека Србија може да увезува каква било нафта преку Хрватска, се додека таа не е руска.
„Србија во секое време може да увезе каква било нафта, освен од Русија, да ја донесе до нашето пристаниште на Крк и преку нашиот нафтовод до Србија. Нема проблем. Освен за руската нафта“, изјави Пленковиќ.
Осврнувајќи се на обвинувањата на Вучиќ, кој смета дека Хрватска е одговорна за тоа што Србија не е изземена од забраната за руската сурова нафта, шефот на хрватската влада рече дека оваа одлука го поддржува ставот на целата ЕУ.
Лидерите на 44 земји од европскиот континент се собраа денеска во Прашката тврдина за официјално да ја започнат Европската политичка заедница (ЕПЗ). Тоа е политичка платформа каде што учесниците редовно ќе се собираат за да разговараат за прашања од заеднички интерес. Неа ја сочинуваат сите земји членки на Унијата, заедно со останатите држави од европскиот континент, освен Русија и Белорусија.