Ковачевски: Макрон ја потврди француската поддршка за македонската евроинтеграција

Macedonian Prime Minister Dimitar Kovacevski and French President Emmanuel Macron in Prague

На првиот состанок во Прага на Европската политичка заедница, францускиот претедател ја потврди француската поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, објави премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи владината делегација на овој форум.

„Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага, уште еднаш ја потврди француската поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Денешниот ден означува почеток на поинтензивна соработка на ниво на Европа како континент, но и пошироко“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Во македонската делегацијата покрај премиерот се и министерите за надворешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бујар Османи и Љупчо Николовски кои допатуваа на покана на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и чешкиот премиер Петр Фиала.

На форумот учествуваат лидерите на 44 држави – 27-те членки на ЕУ, земјите од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Азербејџан, Грузија, Турција и Украина, како и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Како што соопштија од македонската Влада, на пленарната сесија во своето воведно обраќање, Фиала ја истакнал важноста на собирот.

„Станува збор за политичка дискусија на високо ниво со цел да се воспостави соработка на земјите од Европскиот континент во услови на светски и геополитички превирања. Фокусот на Европската политичка заедница се трите најважни и во моментот поврзани прашања кои ги обединува сите земји, а тоа е војната во Украина, состојбата во енергетиката и економијата“, истакнал Фиала.


На состанокот била нагласена важноста од солидарност со Украина и нејзиниот народ, како и зајакнувањето на рестриктивните мерки кон Русија за да се стави крај на војната.

Идејата за Европската политичка заедница првпат беше изнесена во мај годинава од францускиот претседател Макрон. Набргу по него, оваа иницијатива ја поддржаа претседателот на ЕС Мишел, како и Фон дер Лајен.

Само неколку месеци по раѓањето на идејата, Европската политичка заедница станува реалност.