Французинката Ани Ерно добитничка на Нобеловата награда за литература

Француската писателка Ани Ерно

Француската писателка Ани Ерно ја доби Нобеловата награда за литература за 2022 година. Жирито на Шведската академија на 6 октомври соопшти дека Ерно ја добива наградата „за храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“.

Писателката, која има 82 почнала да пишува автобиографски романи, но брзо ја напуштила практиката да пишува романи и се префрлила на мемоари.

Напишала повеќе од 20 книги, повеќето од нив многу кратки, кои ги прикажуваат настаните во нејзиниот живот и животите на оние околу неа, вклучувајќи бескомпромисни описи на сексуални средби, абортус, болести и смртта на нејзините родители.

Наградата што ја доделува Шведската академија е во вредност од 10 милиони шведски круни, што е нешто повеќе од 914 илјади долари.

Меѓу фаворитите за овогодинешната награда беа и францускиот писател Мишел Уелебек, Кениецот Нгуги ва Тионго, канадската поетеса Ен Карсон и писателот Салман Ружди, кој е роден во Мумбаи, Индија, а има британско и американско државјанство.

Ружди во август годинава беше избоден со нож во државата Њујорк додека се подготвуваше да одржи предавање, при што се здоби со сериозни повреди.

Минатогодишната награда, која нашироко се смета за најпрестижната книжевна награда во светот, ја освои танзанискиот романсиер Абдулразак Гурна.

На 7 октомври Академијата ќе го објави добитникот на Нобеловата награда за мир, потоа на 10 октомври следува наградата за економија. Претходно неделава се доделени наградите за медицина, за физика и за хемија.

За разлика од другите Нобелови награди, наградата за економија не беше воспоставена по волја на Алфред Нобел, туку од Шведската централна банка во негово сеќавање во 1968 година, при што првиот добитник беше избран една година подоцна. Наградата за економија е последна од Нобеловите награди објавени секоја година.

Наградите ќе бидат доделени на годишнината од смртта на Нобел на 10 декември.