Мицкоски повика на масовен протест против бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“

Архивска фотографија - Отворање на културниот центар Ванчо Михајлов во Битола на која присуствуваше и тогашниот бугарски премиер Кирил Петков

Масовно да се излезе утре на протест против отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, повика денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој вели дека го поддржува протестот, но дека тој треба да биде мирен и без инциденти, да не им се даде, како што вели, алиби на тие коишто се причината денес Македонија да биде во оваа ситуација.

Протестот е планиран за утре претпладне во Охрид, каде треба да се отвори вториот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“, кој ќе го носи името на бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија.

Здружението на граѓани Цар Борис Трети е формирано лани во ноември, а сега отвора и свој клуб.

Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

На протест повика партијата Левица поради, како што велат, „отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“.

„Протестот е демократско право и треба да се протестира, но повикувам тој да биде мирен за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ“, изјави Мицкоски по поставување камен-темелник за изградба на градинка во општина Бутел.

Тој повикува да не се дозволи на протестот да има инциденти, кои би ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, а тоа се инфлацијата, криминалот, корупцијата, енергетската, финансиската криза и уште многу други проблеми.

Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април годинава, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

Во земјава нема закон со кој се забранува здружение да носи име на контроверзна личност. Па затоа се формираше државно советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.

Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи.