Најмалку 15 лица загинаа кога брод со мигранти потона крај брегот на островот Лезбос, соопшти денеска грчката крајбрежна стража. Според извештаите, петмина го преживеале потопувањето на гумениот чамец во кој се превезувале околу 40 мигранти поради силниот ветер. Неколку часа претходно властите известија дека едрилица со околу 95 луѓе потонала кај островот Китера, недалеку од Пелопонез. Некои од преживеаните успеале да допливаат до брегот, а во акцијата на пожарникарските и полициските служби, како и на бродовите во околината, спасени се 80 луѓе.
УНХЦР стравува дека во близина на Родос загинале десетици бегалци и мигранти
Надлежните изјавија и дека десетина лица се водат како исчезнати, а не е соопштена националноста на патниците од едрилицата. Лезбос во Егејското Море, заедно со другите грчки острови во близина на западниот брег на Турција, е една од главните порти за мигрантите кон Европа.