Денеска во Прага ќе се одржи првиот состанок на Европската политичка заедница, покрај лидерите на Европска унија, ќе учествуваат и оние од земјите на Западен Балкан. Главната цел е „да се спроведе политичка дискусија за стратешки прашања од заеднички интерес за европскиот континент“, велат од ЕУ, додавајќи дека меѓу главните теми ќе бидат војната во Украина, енергетската криза и економската ситуација во Европа. Европската политичка заедница, идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, треба да обезбеди платформа за политички дијалог и соработка со земјите кои сакаат да влезат во ЕУ и земјите кои немаат такви аспирации, но ги споделуваат демократските вредности на ЕУ.
Северна Македонија на самит на Европската политичка заедница
Таквата заедница, како што истакна Макрон, ќе го надополни процесот на пристапување во ЕУ, а не ќе го замени. Многумина, сепак, беа загрижени дека европската политичка заедница може да стане алтернатива на проширувањето на ЕУ, „за што Франција, како и повеќето западни земји беа скептични пред руската инвазија на Украина да му даде нов поттик на процесот“, наведуваат од Унијата. Макрон најави дека состаноците на Европската политичка заедница ќе се одржуваат на секои шест месеци. Македонската делегација на состанокот во Прага ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. За време на посетата на премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Украина Денис Шмихал, ќе присуствува на потпишувањето на договори помеѓу Република Македонија и Украина поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна.