Зеленски: Украинската армија ослободи десетици градови на југ и на исток на земјата

Претседателот на Украина Володимир Зеленски

Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека украинската армија постигнала голем, брз напредок против руските сили и ослободила десетици градови на југот и на истокот на земјата од окупација. „Украинската армија напредува на прилично брз и моќен начин на југот на земјата во контекст на сегашната одбранбена операција“, рече Зеленски во видео-обраќање. „Само оваа недела, по рускиот псевдореферендум, ослободени се десетици населени места во регионите Керсон, Харков, Луганск и Доњецк“, рече тој.

Гневот по поразите на Русија на бојното поле - предизвик за Путин

На 30 септември рускиот претседател Владимир Путин потпиша документи со кои се официјализираше обидот на Русија да ги анектира украинските региони Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје, чии делови беа окупирани од руските сили. Претходно, Москва организираше таканаречени референдуми во овие четири региони кои беа отфрлени од меѓународната заедница.