Мицкоски по средбата со Ковачевски - Го презентирав планот за излез од енергетската криза, треба да се работи за надминување на проблемите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Димитар Ковачевски на која беше разговарано за ублажување на последиците од енергетската криза

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Димитар Ковачевски на која беше разговарано за ублажување на последиците од енергетската криза, кажа дека и натаму е загрижен, меѓутоа рече дека дал совети до Владата како полесно да се преброди оваа криза.

ВМРО-ДПМНЕ нуди помош при набавката на гас и на мазут. Контактите што партијата ги има ќе ги даде на министерот за економија Крешник Бектеши, кој е определен од премиерот како лице со кое партијата на Мицкоски ќе контактира за барање излез од енергетската криза.

Еден од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ е и да се обезбеди енергенс за работа на ТЦ Неготино по цени поевтини од берзанските, а струјата што ќе се произведе да се даде на стопанството, за да се зачуваат работни места.

„Цената по која што тој ресурс ќе биде донесен до ТЕЦ Неготино нормално и комерцијалните услови ќе си испреговара и Владата, зголемена за трошоците на производство на тој ресурс ќе даде цена на електрична енергија која што ќе биде најмалку два пати помала од таа која што во вој момент е на берзите. Таа количина на електричната енергија нашиот предлог е да ја отстапиме на стопанството. Зошто на стопанството? За да спасиме илјадници работни места на нашите сограѓани. Затоа што компаниите не можат да плаќаат цена на електричната енергија која што е на берзите односно берзанската. Затоа велиме тие количини кои ќе бидат по отприлика овие цени, обезбедени од ресурс, од позициите кои што ги ставаме на располагање да бидат дадени на стопанството“, изјави Мицкоски по средбата во Владата.

Како дојде до тоа земјава да нема доволно струја?

Друг предлог кој што го изложиле е измени на Законот за енергетика за мигрирање на сите јавни претпријатија од слободниот на регулираниот пазар, како и сите објекти од образованието и од здравствениот систем, со цел, како што кажа, парите да останат кај граѓаните и стопанството, место да одат кај трговците со струја од увоз.

„Тогаш најодговорно тврдам дека Македонија нема да има потреба од увоз на електрична енергија, но под претпоставка првичното сценарио Владата да успее да го задржи оперативно. Кога зборувам оперативно, зборувам да работат трите блока во Битола, да работи Осломеј, да работат двете турбини во Неготино, да работи хидропотенцијалот и да работи ТЕ-ТО Скопје“, додаде Мицкоски.

На институциите им се стемни - исклучени од струја поради неплатени сметки

Средбата помеѓу Мицкоски и Ковачевски траеше околу два часа. Заедно со Мицкоски на средбата присуствуваше и економски тим од партијата, а предлозите што ги дале според Мицкоски, делувало дека се прифатливи за Владата.