Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и компанијата „АДОРА“ постигнаа договор за закуп на топланите во сопственост на „АДОРА“, кои ќе се користат од страна на ЕСМ во процесот на обезбедување парно греење за градот Скопје, информираат од ЕСМ.
Договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/23 година. Закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), соопшти попладнево ЕСМ.
Адора Инженеринг: Закупот на топланите е штетен за компанијата
Двете компании, се вели во соопштението, покажале општествена одговорност и свесност за моментот во однос на потребите на граѓаните на Скопје и постигнат е договор сите прашања кои претставуваа предмет на дискусија да се апсолвираат во следниот период.
Од компанијата „Адора Инженеринг“ пак велат дека во интерес на граѓаните склучиле краткорочен договор за закуп на топланите Исток и Запад со ЕСМ, кој важи од денеска до 30 април 2023 година, но додаваат дека истовремено добиле гаранции дека во најбрз рок ќе почне и постапката за купопродажба на топланите.
„Менаџментот на Адора инженеринг доби цврсти гаранции од ЕСМ АД дека во најбрз можен рок, според сите домашни законски прописи ќе почне постапката за купопродажба на топланите Исток и Запад и дека на компанијата ќе и бидат исплатени долговите настанати во изминатата година по основ на закуп и амортизација на топланите“, се вели во соопштението од компанијата.
Топланите кои се во сопственост на „Адора“ ќе се користат од страна на ЕСМ во процесот на обезбедување греење за градот Скопје во претстојната грејна сезона која започнува на 15 октомври.