Владата ги раскина договорите за концесија на седум мали хидроцентрали во Националниот парк Шар Планина.
Шест од малите хидроелектрани се во строго заштитеното подрачје на Националниот парк Шар Планија, а една е во зоната на одржливо користење, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСП).
„Опфатени се шест мали хидро-електрични централи во строго заштитено подрачје, кои нема да се реализираат. Со спогодбено раскинување на договорите за концесија, предвидено е да се надоместат реално направените трошоци за реализација на договорите, и трошоците на име на концесијата. Покрај ова, доставен е предлог за спогодбено раскинување на договорот за концесија за уште една хидро-централа лоцирана на Шар планина, во зоната на одржливо користење, при што на концесионерот ќе му се врати уплатениот концесиски надоместок“, се вели во соопштението на МЖСП.
Малите хидроелектрани - Меѓу екологијата и профитот
Граѓанските организации за заштита на животната средина подолго време реагираат дека изградбата на малите хидроцентрали е закана за животната средина и дивиот свет.
Активисти за заштита на животната средина бараа со Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк да биде забранета и изградбата на хидроцентрали и да не се продолжат концесиите за оние за кои би се утврдило дека негативно влијаат врз природата и биодиверзитетот и за водата на локалното население.