Државата е целосно подготвена доколку има каква било потреба за прифаќање на украинските бегалци, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски посочи дека државата има активирано Директива за привремена заштита и покрај тврдењата на Здружението на млади правници дека Македонија, заедно со Косово и Босна и Херцеговина ја немаат активирано оваа директива.
„Ние имаме активирано таков механизам како држава. Целосно сме подготвени. Имаме влез на околу 21 илјада украински државјани на територијата на државата, пред се, кои се во роднински или пријателски врски со наши државјани, а дел од нив работат во ИТ компании кои доаѓаат тука. Има мал број на лица коишто поднеле барање и им се издава престој од хуманитарни причини. Меѓутоа, како држава сме целосно подготвени доколку има каква било потреба за прифаќање на украинските бегалци“, тврди министерот.
Украинските бегалци оставени на хуманоста на македонските граѓани
Од здружението на млади правници пак посочуваат дека украинските државјани кои престојуваат во земјава се соочуваат со сериозни потешкотии и како што велат се оставени сами да се снаоѓаат со решенија во однос на нивниот статус.
„Еден дел од нив веќе аплицираа за привремена заштита, еден друг вид заштита кој се дава согласно Законот за странци, не е заштита од типот како за бегалци наменета, бидејќи со оваа заштита тие неможат да работат, да користат здравствено осигурување, освен ако не си плаќаат сами приватно, не можат да добиваат бесплатно образование итн“, рече Зоран Дранговски од Здружението на млади правници.
Според податоците на Црвениот крст, во Македонија се присутни околу 300 лица од Украина.