Научниците Ален Аспект, Џон Клаузер и Антон Цајлингер ја добија Нобеловата награда за физика за 2022 година за „експерименти со заплеткани фотони, утврдување на прекршување на нееднаквостите на Бел и пионерска квантна информациска наука“, соопшти денеска телото кое ја доделува наградата. Наградата вредна 10 милиони шведски круни (902.315 долари), ја доделува Кралската шведска академија на науките.
Швеѓанецот Сванте Паабо ја доби Нобеловата награда за медицина за 2022 година
Наградата за физика е втора што се додели оваа недела, откако шведскиот генетичар Сванте Паабо вчера ја доби наградата за физиологија или медицина. Престижните награди за достигнувања во науката, литературата и мирот се создадени во тестаментот на Алфред Нобел, кој се збогатил со својот изум на динамит, а се доделуваат од 1901 година со одредени прекини, за двете светски војни. Наградата за физика често го зазема централното место меѓу наградите, со имиња на познати научници како Алберт Ајнштајн, Макс Планк, Пјер Кири и Марија Кири и наградни откритија кои го преобликуваа начинот на кој го гледаме светот.