Севернокорејска балистичка ракета денеска прелетала над североисточна Јапонија пред да падне во Тихиот Океан, соопшти јапонската влада, наведувајќи дека немало жртви или материјална штета. Ракетата доведе до ретко активирање на алармниот систем, а предупредување беше објавено и на националната телевизија NHK, која ги повика жителите на северниот и североисточниот дел на Јапонија да одат во засолништа. „Околу 7:22 часот, Северна Кореја ... лансираше балистичка ракета на исток“, изјави владиниот портпарол Хироказу Мацуно.
Северна Кореја го направи четвртиот тест на балистичка ракета во една недела
Тој рече дека деталите се анализираат, но дека проектилот поминал над североисточниот јапонски регион Тохоку и потоа паднал „во Тихиот Океан надвор од јапонската ексклузивна економска зона“. Јапонскиот премиер Фумио Кишида ја нарече акцијата „акт на насилство“ и остро ја осуди. Тоа е прв пат од 2017 година, а вкупно седми пат Северна Кореја да истрела проектил низ јапонскиот воздушен простор при нејзините ракетни тестови со среден и долг дострел.
САД и Јужна Кореја започнаа заеднички поморски вежби
Јужнокорејските медиуми јавуваат дека армијата на земјата проценува дека се работи за проектил од типот „Хвасонг 12“, кој летал со брзина од околу 17 маха и прелетал повеќе од 4.500 километри. Покрај целата територија на Јапонија (каде се наоѓаат воените бази на американската армија), таа ракета може да го погоди и американскиот остров Гуам во западниот Пацифик.