Политичари и нобеловци
ТУРЦИЈА - Во септември годишната инфлација во Турција достигна нов максимум во последните 24 години од 83,45 насто, објавија денеска официјалните податоци. Агенцијата АП наведува дека поради ова растат цените на основните производи, а дополнително се погодени домаќинствата кои веќе имаат проблеми поради високите цени на енергијата, храната и домувањето. Турскиот статистички институт објави дека во септември цените пораснале за 3,08 проценти во однос на претходниот месец. Експертите велат дека инфлацијата е многу повисока отколку што сугерира официјалната статистика, при што независна група за истражување на инфлацијата денеска ја стави годишната стапка на дури 186,27 насто.
МАКЕДОНИЈА - Скрининг процесот со ЕУ се одвива добро, било оценето на денешната средба на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава.
БУГАРИЈА - Лидерот на новата партија во новоизбраното Народно собрание „Бугарски подем“ и поранешен вршител на должноста премиер Стефан Јанев за Нова ТВ коментира дека во овој распарчен парламент со седум партии треба да се бара асиметрично решение, јави дописникот на МИА од Софија.
ИРАН - Истакната студентка и активистка за човекови права Бахарех Хедијат беше уапсена рано на 3 октомври во Техеран, објави Би-Би-Си, среде бранот протести предизвикани од смртта на Махса Амини, која почина на 16 септември, откако беше приведена од пморалната полиција, бидејќи наводно премногу опуштено ја носела марамата.
УНГАРИЈА - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска во Будимпешта дека Унгарија, Србија и Австрија се тешко погодени од проблемот со илегалната миграција, која бара многу енергија и огромни трошоци за тие три земји. На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и австрискиот канцелар Карл Нехамер по трилатералната средба, Орбан рече дека тој го иницирал самитот бидејќи ситуацијата со илегалната миграција се влошува.
ШВЕДСКА - Шведскиот палеогенетичар Сванте Паабо, кој го секвенционираше геномот на неандерталецот, ја доби Нобеловата награда за медицина, соопшти денеска Нобеловиот комитет. „Откривањето на генетските разлики што ги разликуваат сите живи луѓе од изумрените „хомини“, дава основа за истражување на она што нè прави уникатни луѓе“, велат од Комитетот.
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД) на Красимир Каракачанов добија најголем број гласови од бугарските граѓани кои вчера гласаа во земјава на предвремените парламентарни избори во Бугарија. На седумте отворени избирачки места во земјава гласале вкупно 461 лице, а најголем број или 172 своето избирачко право го искористите во Амбасадата на Бугарија во Скопје. За ГЕРБ гласале 127 бугарски избирачи, за ВМРО-БНД 91, Продолжуваме со промените на Кирил Петков добила 69 гласа, Демократска Бугарија 38, Преродба 30, а 22 бугарски граѓани својот глас го дале за Има таков народ на Слави Трифонов.
РУСИЈА - 81-годишниот руски научник Валери Митко кој беше ставен во домашен притвор откако беше обвинет за велепредавство пред две години починал, соопшти Групата за човекови права Прва единица, додавајќи дека тој доживеал срцев удар, негов четврти. Групата забележа дека му било забрането редовно да оди на прошетки надвор од неговиот стан во Санкт Петербург. Митко беше ставен во домашен притвор во февруари 2020 година поради наводно пренесување доверливи материјали во Кина за време на редовните посети што ги правел таму како наставник. Митко ги негираше обвиненијата. Тој и неговите адвокати инсистираа дека единствените материјали што ги однел во Кина се поврзани со неговата научна и наставна работа.
УКРАИНА - Украинската војска соопшти дека нејзините сили продолжиле со напредувањето во регионот на Доњецк еден ден откако ја презеле целосната контрола врз стратешкиот источен град Лиман, додека Русија продолжува да има бројни жртви. Серхи Черевати, портпарол на Источната група на вооружените сили на Украина, рече дека украинските војници ја ослободиле населбата Торске кај Лиман и „ги напаѓаат руските воени единици во Кремина, во регионот Луганск“.