Скрининг процесот со ЕУ се одвива добро, било оценето на денешната средба на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава.
Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата била изразена и поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на Северна Македонија, со цел непречен тек на преговарачкиот процес.
Констатирано е дека напредокот на евроинтеграциите е од значење и за квалитетот на живот на граѓаните на нашата држава и за стабилноста на Европската Унија, поради што од клучно значење се сметаат фокусот, довербата и инклузивноста на сите страни, во овој процес.
„Разговарано е и за важноста од натамошно унапредување на реформскиот процес, посебно во областа на правосудството и е заеднички изразено очекување за резултати базирани на професионални капацитети, принципи и интегритет“, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.
На средбата се разговарало и за други актуелни прашања, посебно околу последиците од војната во Украина во глобални рамки и предизвиците во енергетската сфера со што се соочуваат Европа и светот, при што била изразена согласност за потребата од солидарен пристап при разгледувањето можни решенија.