Излезната анкета на агенцијата Галуп покажа дека ГЕРБ-СДС добила 24,6 отсто од гласовите на вонредните парламентарни избори во Бугарија, кои се четврти по ред во изминатите 18 месеци.
Според оваа анкета втори се „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков и Асен Василев со резултат од 18,9 отсто од гласовите. На третото место е Движењето за права и слободи(ДПС) кои добиваат 14,8 отсто.
На четврта позиција е БСП со 10,9 проценти по што следат националистичките „Преродба“ (10,1%), „Демократска Бугарија“ (7,4%) и „Има таков народ“ (4,6%) и партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев „Бугарски подем“ (4,0%).
Според оваа анкета, осум партии го пробиваат изборниот праг за влез во новото Народно собрание на Бугарија кое има 240 членови. Под прагот остануваат „Исправи се Бугарија“ (1,2 отсто) и ВМРО (0,9 отсто). За „не поддржувам никого“ гласале 3,3 отсто од гласачите.
Слични резултати даде анкетата и на „Алфа Рисрч“ каде ГЕРБ е на прво место со 25,5%, а „Продолжување на промената“ е втора со 19,9%, додека трета е ДПС со 14,4%. Според оваа анкета седум партии го имаат пробиено изборниот праг.
Избирачките места беа отворени во 7:00 часот по локално време, гласањето траеше до 20:00 часот.
Право на глас имаа 6 602 990 бугарски граѓани запишани во избирачкиот список на 11 636 избирачки места.
Според Галуп интернешнал Балкан, одѕивот на гласачите бил нешто повеќе од 35 отсто непосредно пред затворањето на избирачките места.