Папата Франциск го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја запре „оваа спирала на насилство и смрт“ поради војната во Украина.
Изјавата на папата дадена на денешната неделна јавна молитва на плоштадот Свети Петар во Ватикан, е една од најсилните што ги има дадено од инвазијата на 24 февруари.
„Мојот апел најпрво е упатен до претседателот на Руската Федерација, молејќи го да ја запре, исто така, заради љубовта кон својот народ, оваа спирала на насилство и смрт“, рече Францис.
„Од друга страна, тажен од огромното страдање на украинското население по претрпената агресија, упатувам подеднакво уверлив апел до претседателот на Украина да биде отворен за сериозни мировни предлози“, рече тој.
Римокатоличкиот водач, исто така, го осуди зголемениот ризик од нуклеарна војна, нарекувајќи го „апсурден“.
„Длабоко жалам за сериозната ситуација што се појави во последните денови, со понатамошни дејствија спротивни на принципите на меѓународното право. Всушност, тоа го зголемува ризикот од нуклеарна ескалација, до степен на страв од неконтролирани и катастрофални последици ширум светот“, рече тој.
Коментарите на папата дојдоа два дена откако Путин одржа жесток говор во Кремљ во кој објави дека Русија анексира четири региони на Украина кои се делумно окупирани од руските сили.
Во говорот на 30 септември, Путин упати и прикриени закани за употреба на нуклеарно оружје во конфликтот, повторувајќи ги претходните изјави во кои тој го предупреди Западот дека „ова не е блеф“.