Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на партијата, Миле Лефков ја објави т.н. афера „Броило“, во која тврди дека премиерот Димитар Ковачевски се здружил со неговиот кум Горанчо Паунов за преку фирмата Пиксел груп да инкасираат милиони евра преку монопол на пазарот со фотоволтаични панели. Од СДСМ ги негираа овие информации и велат дека премиерот не е дел од сопствеништвото на компанијата.
Лефков најави дека во периодот кој следува ќе откријат детали како во „Броило“ фирми блиски до Ковачевски вртат милиони евра и во име на партијата го повика премиерот да каже каква е неговата вмешаност. Тој рече дека Пиксел груп како фирма основана од Ковачевски и Паунов е вмешана во бизниси во вредност од 26 милиони евра. Пиксел груп, според Лефков, е централната фирма во аферата.
„Аферата броило зазема димензии од десетици милиони евра, кога пред месец и половина, Пиксел груп најави дека влегува во фаза на инвестиција во фабрика за производство на соларни панели во индустриската зона во Тетово, во вредност од 54 милиони евра. Ова е зона во која инвеститорите имаат даночни и царински ослободувања, а според написите во медиумите се очекува да потпишаат и договор за државна помош“ вели Лефков.
Тој тврди дека фирмата е регистрирана под името АЕ Солар АД Тетово, како заедничка на Пиксел груп која поседува 40%, и 60% што ја поседува фирма од Бугарија, а Паунов е поставен за еден од двајцата извршни директори. Вели дека инвестицијата на Пиксел груп треба да биде 21.6 милиони евра, соодветно на процентот на учество.
„Со тоа, Ковачевски како премиер, ќе му потпише договор за државна помош, на кумот Горанчо Паунов како извршен директор на фирмата, во која 40% од сопственоста е на Пиксел груп, основана заедно со Ковачевски. И сето ова се случува во период откако друга бугарска фирма најави инвестиција во ФЕЦ Осломеј, каде државата е партнер со 18.5%. Па оттука се поставува прашањето дали панелите произведени во фабриката во Тетово ќе завршат во ФЕЦ Осломеј, каде државата е застапена со 18.5%? И каква е улогата на Ковачевски кој се јавува како основач на фирмата која е во кругот на бизнис интересите од оваа шема, но сега и како премиер?“ , прашува Лефков кој фрла сомнеж за монополизирање на пазарот за фотоволтаични панели преку тетовската фабрика.
Од СДСМ велат дека Ковачевски повеќе од 2 години не е дел од сопствеништвото на Пиксел груп.
„Конкретно за оваа компанија Пиксел Гроуп Доо Скопје, Димитар Ковачевски не е дел дел од сопственичката структура, ниту пак е сопственик. Уште на ден 28.09.2020 г Димитар Ковачевски во целост го повлече износот на финансиските средства вложени за обезбедување на почетната ликвидност на компанијатa. Тоа е јавно соопштено, за да може целосно да се посвети на функцијата којашто тогаш ја извршуваше, земеник министер за финансии. Сето ова може да види и во Анкетниот лист на премиерот“, одговори Даниела Марковска, пратеничка на СДСМ.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ шири лаги и го напаѓа претседателот Ковачевски затоа што е чесен и работи за граѓаните „додека Мицкоски се кара за тендери и провизии“.
„Дека станува збор за фабрикувана манипулацијата на ВМРО-ДПМНЕ се гледа и од тоа што споменуваат државна помош за компаниите, којашто се однесува на сите компании кои исполниле услови“, додава Марковска.