Во услови на изразени инфлациски притисоци централните банки мора да останат фокусирани на среднорочната ценовна стабилност, што бара нормализирање на монетарната политика, смета гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска при што додава дека при нормализирањето на монетарната политика овие банки водат сметка за ефектите врз економскиот раст и стабилноста на финансискиот систем.
Ставот е пренесен во соопштението на банката по учеството на гувернерката на Самитот на министри за финансии, гувернери на централни банки и директори на даночни управи, насловен „Финансиска и монетарна стабилност на регионот во услови на изразени геополитички ризици“, кој се одржа во Црна Гора.
На самитот било потенцирано значајното забрзување на инфлацијата во сите земји во регионот, која во просек достигна 13,5 проценти, како и притисоците од енергетскиот шок врз девизните пазари што резултираше со потреба од затегнување на монетарните политики во регионот. Ова, се додава во соопштението, доаѓа до израз откако ФЕД и ЕЦБ во неколку наврати ги зголемија каматните стапки, а ФЕД веќе ја намалува ликвидноста од пазарите што помал простор за маневар на останатите централни банки.
„Доколку централните банки во регионот не преземаат мерки кои ќе го следат циклусот на ФЕД и ЕЦБ, тогаш може да се соочат со ризици за капитални одливи или помали капитални приливи, а со тоа и зголемени притисоци на девизниот пазар“, смета гувернерката.
Сите учесници на панелот се согласиле дека одржување на стабилноста на девизниот курс е од исклучително значење за стабилизирање на инфлацијата, се додава во соопштението на Народна банка.