Пендаровски - Бугарија подготвена да ни помогне со струја преку европските механизми

Трилатерална средба во Софија

Кои се начините за Бугарија, која има вишоци на струја, да и помогне на Македонија во енергетската криза без да се нарушат правилата што ги налага Европската Унија, било разговарано денеска во Софија на трилатералната средба меѓу претседателот на државата Стево Пендаровски, со бугарскиот колега Румен Радев и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Како што појасни Пендаровски по средбата, во Бугарија имало подготвеност да помогне преку солидарните фондови, по примерот како со вакцините за време на пандемијата. Сепак, потсети тој, правилото е дека кога земја членка на ЕУ има вишоци на струја, нив треба да ги продава на светскиот пазар.

„И кога одите на светскиот пазар цените се многу повисоки од она што може да го добиете во билатерално договорање. Од бугарска страна има јасна, и политичка и секаква друга волја, да и се помогне на Република Северна Македонија во оваа тешка ситуација, изјави претседателот Пендаровски.

Цените на берзите на струја варираат ама периодов се во просек околу 400 евра за мегават час, а Македонија бара струја од Бугарија по цена од 200 евра за мегават.

Оттука, појасни Пендаровски, Бугарија, како членка на ЕУ, бара од Европската комисија механизам како можеме да не ги рушиме европските директиви, и како може да се направи билатерална трансакција меѓу земја членка на ЕУ и земја која се уште не е членка.

„Има неколку механизми, еден од нив кој е применуван, особено во време на КОВИД-кризата, да се побара од тие т.н. компензациски фондови на ЕУ да се обесштети државата која, евентуално, би морала по светски цени да ги набавува енергентите. ЕУ ги има тие солидарни фондови преку кои им се помага на земјите што се уште не се членки. Нешто слично како со вакцините кога беше врвот на короната, а кога вакцинацијата на светско ниво беше тукушто започната“, рече Пендаровски.

Во однос на тоа колку ќе трае оваа процедура, Пендаровски рече дека од Фон дер Лајен добил одговор оти „ако се запазат процедурите и ако апликацијата е во ред, тоа може да се заврши за неколку недели“.

Рок од две недели за договор уште пред еден месец даде и премиерот Димитар Ковачевски кога беше во посета на Софија за да обезбеди поевтина струја за стопанството, но решение се уште нема. Македонија инаку бара струја од увоз бидејќи домашното производство не ја задоволува потрошувачката, а на светските берзи таа е за десепати поскапа од лани и има страв од недостиг.

Претседателката Усрула фон дер Лајен непосредно по средбата, преку Твитер го поздрави „позитивниот моментум“ помеѓу Бугарија и Македонија.


„Тоа доведе до почеток на процесот на пристапни преговори со Северна Македонија. Сега, исто така, тоа може да води до добра соработка за доброто на луѓето, на пример за енергија“, наведе Фон дер Лајен.