Сојузничката поддршка од САД за Македонија ќе изнесува 78 милиони долари, средства наменети за модернизација, опремување и унапредување на капацитетите на Армијата, соопшти денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Ја добивме веста за сојузничка поддршка од вкупно 78 милиони долари кои ќе се насочат во проектите потребни да ги достигнеме НАТО целите на способности и ќе ни овозможат уште поинтензивно да ги развиваме нашите капацитети – да се модернизираме, да се опремуваме, да имаме посилна сајбер одбрана, модерна и напредна Армија“, истакна Петровска.
Заглагодарувајќи се на САД, министерката истакна дека ова партнерство не значи само политичка поддршка меѓу двете земји, туку и соработка во градењето и унапредувањето на способностите и капацитетите на Армијата.
„Изминативе 30 години САД се нашиот стратешки партнер и сојузник во остварувањето на овие цели“, рече Петровска.
Програмите за одбранбена соработка меѓу двете земји започнаа во 1996 година. Преку Меѓународната програма за воена помош, САД донираа воена опрема во вредност од 160 милиони долари од почетокот на програмата.
Инаку средствата за македонската армија се дел од околу една милијарда долари воена помош што ја најави американскиот Стејт департмент за 17 европски земји, за зајакнување на одбранбениот сектор.