Со гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција до нова енергетска карта на Европа

Церемонијата за официјално пуштање во употреба интерконекторот 

Гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција ќе ја промени енергетската карта на Европа, зголеми енергетската безбедност и ќе овозможи диверзификација на изворите на снабдување со гас во регионот, беше истакнато денеска во Националната палата на културата во Софија каде се одржа церемонијата за официјално пуштање во употреба интерконекторот.

„Интерконекторот меѓу Бугарија и Грција драстично ја менува енергетската карта на Европа и конечно имаме вистински проток на гас од Азербејџан“, изјави домаќинот на настанот, бугарскиот претседател Румен Радев во своето обраќање на церемонијата.

Тој изрази благодарност до раководството на компанијата ИЦГБ, кое, како што рече, работеше многу сериозно, но и до бугарските и грчките институции, како и до Европската комисија за финансиската поддршка за реализација на овој проект.

Според него, оваа гасна врска е можност не само за Бугарија, туку и за Романија, Србија, Северна Македонија и многу други земји од Централна и Југоисточна Европа.

Радев се обрати кон грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така присуствуваше на церемонијата, истакнувајќи дека Бугарија очекува пуштање во употреба и на гасниот центар во Александруполис, со што, според него, ќе се постигне вистинска диверзификација на снабдувањето со гас.

Мицотакис пак истакна дека е потребна заедничка европска стратегија за справувањето со енергетската криза.

„Овој гасовод значително ќе ги промени и снабдувањето со енергија, но и енергетската безбедност за сите нас на европскиот континент“, истакна грчкиот премиер.

Тој посочи дека конкретниот гасовод „поврзува европски земји што делат исти европски вредности и солидарност“, потенцирајќи ја важноста и потребата за постигнување едно европско решение, исто како и за пандемијата. Говорејќи за регионалните проекти, се осврна и на важноста на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполис.

„Знаете дека важниот проектот во Александруполис со терминалот и складирањето ќе ни помогне да обезбедиме енергетска безбедност не само за Грција, туку и за други земји од Југоисточна Европа, но не само за нив туку дури и за земјите од централна Европа“, порача грчкиот премиер.

На церемонијата присуствува и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој пристигна во салата заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и неговиот бугарски колега Радев. По нив во салата влегоа претседателите на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука.

Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен изјави дека гасоводот меѓу Бугарија и Грција „ги менува правилата на игра“ и значи ставање крај на зависноста на Европа од рускиот гас, како и дека ваквите проекти значат дека Европа ќе има доволно гас за зимата.

„Европа има се што и е потребно за да се ослободи од зависноста од Русија, а тоа е политичката волја. Енергетската криза е сериозна, но убеден сум дека можеме да се справиме со неа и бара сериозен одговор од Европа“, рече Фон дер Лајен.

Интерконекторот е со вкупна должина од 182 километри, од кои на бугарска територија се 140 километри и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод. Вкупната вредност на гасоводот е над 240 милиони евра, кои ги обезбеди Европската комисијата за претпролетни истражувања во 2010 година.