Поради дождот и штедењето струја албанската Влада ја повлече одлуката за четирикратно поскапа струја за домаќинствата кои трошат најмногу електрична енергија, односно над 800 киловат часови месечно.
Таа требаше да стапи во сила денеска, но премиерот Еди Рама, во денешната онлајн комуникација со граѓаните, најави дека е можно да се примени од следниот месец, во зависност од тоа колку самите граѓани ќе штедат струја и какво ќе биде времето.
„Решивме да ја одложиме примената на одлуката поради две причини: првиот елемент се врнежите. Имавме обилни дождови, кои го зголемија нивото на вештачките акумулации во хидроцентралите. Вториот елемент е трендот на заштеда што предизвика потребата за енергија да биде помала од прогнозираната. Имајќи ги предвид овие два елемента оценивме дека можеме да продолжиме да ја задоволуваме потребата за електрична енергија“, рече Рама.
Регулаторниот завод за енергетика на 24 минатиот месец, по предлог на владата, одобри зголемување на цената на енергијата за 4,4 пати за домаќинствата кои месечно трошат повеќе од 800 киловати електрична енергија. Оваа одлука требаше да се применува до 31 декември годинава.
Албанија, со 2,8 милиони жители, е единствената земја во регионот која произведува целосно „зелена струја“. Целото производство доаѓа од обновливи извори, а ајголемиот дел од големите хидроцентрали.
Проблемот при целосното потпирање на хидроенергија е што производството зависи од тоа колку вода има. Во посушните години Албанија не успева да ги задоволи своите потреби, но во добрите хидролошки години има и за извоз.
Според податоците на Заводот за статистика на Албанија, минатата година земјата била извозник на струја. Биле произведени 8962 GWh струја, а потрошувачката била 8414 GWh.