Украина соопшти дека руските сили го уапсиле шефот на нуклеарната централа Запорожје

Влезот кон нуклеарната централа Запорожје

Директорот на украинската нуклеарна централа Запорожје е приведен од руска воена патрола, соопшти денеска државната фирма „Енергоатом“, која управува со централата.

Ихор Мурашов бил приведен во попладневните часови на 30 септември додека патувал меѓу фабриката и градот Енерходар.

Нуклеарната централа и околината се под контрола на руските окупаторски сили од март. Киев и Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ) предупредуваат на можноста од еколошка катастрофа во централата поради тековните борби во околината.

Русија ги отфрли повиците за создавање демилитаризирана зона околу централата Запорожје.

Украинскиот персонал продолжува да работи со фабриката. Последниот реактор беше затворен во септември поради гранатирањата во близина.

Мурашов „беше изнесен од автомобилот и со врзани очи беше однесен во непознат правец“, се вели во соопштението на Енергоатом.

„Неговото приведување...ја загрозува безбедноста на Украина и на најголемата нуклеарна централа во Европа“, ијави претседателот на Енергоатом, Петро Котин, пренесоа агенциите.

Русија веднаш не одговори на оваа изјава. МААЕ, која има свои монитори што работат во централата, исто така засега нема коментар.