Скрининг процесот отворен во рамки на пристапните преговори за влез на Македонија во Европската Унија заедно со енергетската криза биле главните теми на разговор на денешната средба на македонскиот претседател Стево Пендаровски со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во Софија.
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, во однос на во пристапните преговори за влез во ЕУ, Пендаровски истакнал дека земјава е подготвена да ги направи потребните реформи во клучните области, како дел од процесот за пристапување кон ЕУ.
Во однос на кризата пак, претседателот Пендаровски изразил очекување за европска помош во контекст на европската солидарност во справувањето со енергетската криза.
„Се надеваме на поддршка од Европската Комисија во справувањето со енергетската криза во духот на европската солидарност“, објави претседателот на социјалните мрежи.
Пендаровски и Фон дер Лајен денеска во Софија присуствуваат на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ).