Доколку Република Бугарија ја прифати нашата понуда за откуп на електрична енергија по фиксна цена од 200 евра за мегават час, колку што може да поднесе нашето стопанство, можеме да постигнеме договор, но доколку тие инсистираат да плаќаме по цената која е на берза, нема да се согласиме и ќе продолжиме со нашите домашни капацитети, истакна министерот за економија Крешник Бектеши, во синоќешното гостување во 360 степени на Алсат ТВ, осврнувајќи се на преговорите со Бугарија за набавка на струја.
Тој појасни дека изминатите недели се воделе интензивни преговори со претставници од бугарска страна, а во разговорите беа вклучени и претставници од Европската комисија и Европската енергетска заедница.
Бектеши истакна дека нема да прифати да плаќаме базна енергија за наредните седум месеци по цена која е моментално на берзите.
„Тоа е ставот на Владата, преговараме со бугарската страна за фиксна цена која ќе биде до крајот на април и не фиксна цена само во пикови, туку фиксна цена за 24 часа. Што значи тоа – ако цената е 200 евра, тие во ноќните часови ќе добијат 200 евра за мегават час, а има денови кога во ноќните часови електричната енергија не е повеќе од 100 евра, а во пикови во текот на денот може цената да стигне 400 или 500 евра, но тие пак ќе добиваат 200 евра“, рече Бектеши.
Цената на струјата на берзите драстично поскапе во изминатиот период и стигна до над 700 евра за мегават час, што е десетпати повеќе од ланските цени. Поради проблемот со цената и стравувањето од недостиг на струја Владата прогласи кризна состојба и с ерастрча по соседните земји за да обезбеди дополнителни количества.
Во однос на преговорите со Турција, Бектеши информираше дека имаме понуда за набавка на електрична енергија која е доставена до Стопанската комора со цена која е повисока од нивните барања кои се движат од 150 до 200 евра за мегават час. Со Србија пак се преговара за размена на гас за електрична енергија.