Турција го осуди обидот на Русија за анексија на украински територии

Рускиот претседател Владимир Путин со Денис Пушилин, Леонид Пашечник, Владимир Салдо, Евгениј Балицки, кои се лидери инсталирани од Русија во украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, на церемонијата на прогласување анексија, 30 септември 2022

Турција се приклучи на растечката меѓународна осуда на обидот на Русија за незаконска анексија на уште четири украински региони, поради што трите балтички земји побараа од НАТО да отвори брз пат за Украина да се приклучи на трансатлантската алијанса.

Турското Министерство за надворешни работи, руската анексија денеска ја нарече „тешко кршење“ на меѓународното право, истакнувајќи дека Анкара исто така одбила да го признае незаконското заземање на украинскиот регион Крим од страна на Русија во 2014 година.

„Ја повторуваме нашата поддршка за решавање на оваа војна, чија сериозност постојано расте, заснована на праведен мир што ќе се постигне преку преговори“, се вели во турската изјава.

Рускиот претседател Владимир Путин на 30 септември потпиша документи со кои се формализира обидот на Русија да ги анектира украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, чии делови се окупирани од руските сили. Претходно, Москва одржа референдуми во четирите украински региони за кои западните земји рекоа дека се „измама“ и беа широко отфрлени од меѓународната заедница.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „овие акции немаат легитимитет“, додека земјите како Германија, Велика Британија, Шведска и Полска, исто така, брзо ја осудија акцијата на Москва. Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итно запирање на руската „целосна, незаконска инвазија на Украина“.

Доцна на 30 септември, трите балтички држави Естонија, Литванија и Летонија издадоа заедничка изјава во која го одобруваат барањето на Киев на Украина да и биде одобрено забрзано членство во НАТО.

„Балтичките пријатели на Украина целосно го поддржуваат приемот на Украина во НАТО што е можно поскоро. Инспиративната храброст на Украина може само да го зајакне нашиот сојуз“, се вели во соопштението.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека Киев ќе се обиде да се приклучи на Алијансата веднаш по обидот на Москва да ги заземе четирите украински региони. Сепак, изјавата наиде на внимателен одговор од Вашингтон и од седиштето на НАТО.

„Во моментов, нашиот став е дека најдобриот начин за нас да ја поддржиме Украина е преку практична, теренска поддршка во Украина и дека процесот во Брисел треба да се започне во друго време“, рече советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан.

Аналитичарите велат дека е малку веројатно НАТО да прифати да прими земја која е во војна.

Русија ја започна својата масовна воена инвазија на Украина на 24 февруари, предизвикувајќи ја најголемата војна во Европа од Втората светска војна. Конфликтот остави десетици илјади мртви и милиони раселени.