Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност ускратија престој и забранија влез во Црна Гора на 28 странски државјани кои работеле за странски служби, соопшти денеска Министерството.
„Преку акцијата спроведена од Агенцијата за национална безбедност, се идентификувани лица како носители на малигно влијание извршено за интереси на странски служби“, се наведува во соопштението.
Во информациите доставени до медиумите нема информации од која земја се депортираните, ниту се соопштува нивниот идентитет.
Протерувањето на 28 странски државјани следува еден ден по акцијата против двајца црногорски и неколку руски државјани поради сомнение за шпионажа и соработка со руската разузнавачка служба.
Црна Гора вчера протера шестмина руски дипломати, поради активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи.
Во изминатите шест месеци, под истото образложение беа протерани шестмина руски дипломати. Како одговор на тоа, Русија го затвори конзуларното одделение во Амбасадата на неопределено време.
Дипломатските односи меѓу Црна Гора и Русија се влошија во 2014 година, кога Подгорица ги поддржа санкциите на ЕУ против Москва поради анексијата на Крим.
Црна Гора им се придружи на западните санкции против Москва и поради инвазијата врз Украина, поради што Русија ја означи како „непријателска држава“.