Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја поднесува барање за „забрзано“ членство во НАТО.
Неговиот денешен коментар уследи непосредно откако Русија објави дека анектира четири украински региони кои го окупира за време на инвазијата и оркестрираше референдуми, кои меѓународната заедница ги смета за нелегитимни.
„Преземаме одлучувачки чекор со потпишување на апликацијата на Украина за забрзано пристапување во НАТО“, наведе Зеленски.
Засега не е јасно што значи „забрзана“ апликација, зашто за влез во НАТО е потребна едногласна поддршка од членките на Алијансата.
„Де факти, ние веќе ја докажавме компатибилноста со стандардите на Алијансата. Тие се вистински за Украина, вистински на бојното поле и во сите аспекти на нашата интеракција“, рече Зеленски.
„Си веруваме едни на други, си помагаме едни на други и се штитиме едни со други. Ова е сојуз“, додаде тој.
Зеленски исто така го повтори своето ветување дека ќе ја обедини целата украинска територија која сега е под контрола на Русија.
„Целата територија на нашата земја ќе биде ослободена од овој непријател, не само на Украина, туку и на самиот живот, човештво, закони и вистина“, рече тој.
Одговарајќи на повикот на Путин на преговори Зеленски рече:
„Спремни сме за дијалог со Русија, но... со друг претседател на Русија“.
Војната го забрза придвижување на Украина кон Запад. За време на седуммесечната инвазија, Украина забрзано преминува од системи за вооружување од советската ера на стандарди и оружја од НАТО, иако тој процес не е завршен.
Во јуни, Европската унија (ЕУ) се согласи да ѝ даде кандидатски статус на Украина. Брзината на тој потег, скоро незамислива неколку месеци претходно, бараше едногласно одобрување од сите членки на Унијата.
Иако постои значајно преклопување меѓу членките на ЕУ и НАТО, обезбедувањето согласност за влез на Украина во овој безбедносен сојуз и гарантирањето на нејзината одбрана би можело да биде многу потешко. Непосредна пречка за членство на Украина во НАТО е што земјата веќе е вклучена во воен судар на свое тло, наведува Асошиејтед прес.