Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, денеска изјави дека во ДУИ нема раскол и оти партијата може да функционира и без него.
„Не само ДУИ, која било политичка партија, која било институција, кој било општествен процес може без секого. Никој не е незаменлив. Но, се наоѓаме во пресудни моменти, ви кажав и сметам дека сите треба да дадеме придонес за да ги надминеме сите кризи со коишто се соочуваме и да дадеме придонес за успешно реализирање на сите проекти“, рече Груби по настанот „Цивилната заштита помеѓу институциите и граѓаните“ во организација на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој негира дека има раскол во ДУИ.
„Ги видовте средбите вчера, сите се построени позади Али Ахмети“, рече Груби, додавајќи дека „на Али Ахмети не му треба народот, туку на народот му треба Али Ахмети“, не коментирајќи ги обвинувањата против него.
Според него, ДУИ е посилна од кога било и поквалитетно застапена од кога било во државните институции, реализирајќи ги сите проекти.
Група видни членови на ДУИ викендов испратија писмо до јавноста во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално. За состојбите во партијата го обвинуваат Артан Груби.
Во писмото, потпишано од 20-тина членови, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта и Блерим Беџети, а испратено преку е-меил адресата на општина Чаир, се бара внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикуваат лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.
Вчера Ахмети имаше средба со овие членови од партиските ограноци од Чаир и Сарај, по која рече дека состанокот поминал добро и оти ниту една ситуација не е непоправлива.